Папата Франциск ги обвини своите критичари дека „му забиваат нож во грб“ и истакна дека не се плаши од раскол во Католичката црква.

Одговарајќи на новинарски прашања по враќањето од Африка, каде што ги посети Мадагаскар, Маурициус и Мозамбик, Папата рече дека конзервативните свештеници кои се почесто го критикуваат не и сакаат добро на Црквата.

Тие луѓе не и сакаат добро на Црквата, се грижат само кога треба да се смени папата, да се промени стилот и да се создаде раскол, рече папата Франциск.

Некои католички водачи, особено во Соединетите Држави, но и на други места во светот, го обвинија Папата дека ја намалил моќта на верата, па дури имаше и повици за негова оставка.

Тие се противат на неговите ставови за миграција и заштита на околината, но пред се на неговите напори да дозволи разведените па повторно оженети католички верници да земат причест.

 Не се плашам од раскол. Се молам да не дојде до тоа, бидејќи духовното здравје на многу луѓе зависи од тоа. Моите ставови за социјалните прашања се исти како и на папата Јован Павле Втори. Јас го копирам него, а потоа ми велат дека папата е комунист, изјави папата Франциск.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.