Пристапниот процес во ЕУ треба да се базира на принципи, а Македонија направи доволно реформи за да го оправда одржувањето на првата меѓувладина конференција, вели за Гласот на Америка, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, според кого билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес.

Тој се надева дека ќе се постигне договор првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи за време германското претседателство.

Македонија има направено доволно за тоа, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Македонија кон членството во ЕУ“, истакна Палмер.

Палмер вели дека ставот на САД е дека одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, треба да бидат решени меѓу Бугарија и Македонија како соседи, сојузници и партнери и дека процесот за пристапување во ЕУ, сакаме да видиме тој да продолжи напред, без да ги вклучува билатералните прашања.

„Цената за влез во ЕУ е јасна и образложена на околу 80 илјади страници со правила и регулативи. Тоа е процес базиран на стандарди. Сакаме да видиме Македонија да продолжи со реформите кои отворија врата кон Европа. Како што реков, има билатерални проблеми, кои можат и треба да се решат преку билатерален пат. Пристапниот процес кон ЕУ треба да зависи од адресирање на неопходните реформи, кои ќе осигураат Македонија да биде членка на ЕУ“, рече Палмер.

Според него, за да може да се одржи европската кредибилност во државата, ЕУ треба да покаже дека напредокот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес. Тој посочува дека во овој момент, следен чекор за Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Македонија јасно го заслужила преку реформи.

Сепак Палмер не сака да прогнозира каков ќе биде резултатот од состанокот следната недела во Брисел, но, нагласи дека САД ќе останат партнери низ целиот тој процес со Македонија и Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.