Шведското обвинителство донесе пресуда дека палењето на Куранот во август во Малме не претставува некаков вид на напад на етничка група, а обвинителството одлучи да се откаже од прелиминарната истрага.

Членовите на крајната десничарска данска партија Цврст став, познати по анти-имигрантските ставови, оваа година во Малме запалија примерок на Куранот, а тоа резултираше со протести на муслиманската заедница. Следуваа апсења, но и нови палења на Куранот во уште неколку други градови, а денес е донесена пресудата за случајот во Малме.

„Не е возможно да се докаже дека е сторен злочин, палењето на Куранот само по себе не е противзаконско“, изјави обвинителката Софија Сирен.

Според нејзините зборови, проценката се заснова на информации на сведоци и видео записи направени на лице место. Иако шведските медиуми и мнозинството политичари го осудија палењето на Куранот и го окарактеризираа како провокација, обвинителството не најде правен основ за подигање на обвинение.

Да потсетиме, активистите на екстремната десница кон крајот на август во Малме, во близина на кварт каде што живее мнозинско муслиманско население го запалија Куранот и тоа го објавија на интернет. Набрзо потоа на протест излегоа околу 300 лица. Две седмици подоцна, истата група го запали Куранот и во Стокхолм.

Партијата „Цврст став“ која се противи на „исламизацијата на земјата“, најави дека и натаму ќе продолжи да пали примероци на Куранот, нагласувајќи дека тој чин е „славење на слободата на говорот“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.