Пакистанскиот премиер, Имран Кан, на митинг изјави дека има луѓе во земјата кои заговараат соборување на неговата влада и дека заговорот има странска поддршка.

Добивме закана во писмена форма и јас за тоа имам докази – истакна Кан за време на обраќањето на митингот на приврзаниците на неговата партија Техрик-е-Инсаф (ПТИ) во главниот град.

Во внимателно формулираната изјава што ја прочита на крајот од неговото двочасовно обраќање, Кан соопшти дека од него било побарано да се повлече поради „национален интерес“, но не даде дополнителни детали за понудата.

Нема да правиме компромиси за националните интереси – порача пакистанскиот премиер.

Кан додаде дека знаел дека луѓето кои дејствуваат по налог на странски сили сакаат да ја соборат неговата влада и дека е свесен за сите детали и дека наскоро ќе ги објави во јавноста.

Во меѓувреме, десетици илјади активисти од неговата партија маршираа низ Исламабад во знак на поддршка, пред гласањето за недоверба на владата, што се очекува следната недела.

Кан, кој во моментов се соочува со пребегнување на членови на неговата партија, кажа дека се надева дека ќе победи на гласањето.

Опозицискиот сојуз предводен од партијата на поранешниот премиер Наваз Шариф го обвинува Кан за лошо владеење и затоа против него на 8 март почна парламентарен процес што може да доведе до негово соборување преку изгласување недоверба на владата.

Ниту еден пакистански премиер досега не го завршил својот мандат. Мандатот на Кан треба да трае до август 2023 година. Тој дојде на власт во 2018 година на националните избори што беа заматени со наводите дека бил поддржан од моќната војска во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.