Во последните неколку месеци на брегот на Филипините може да се најдат пакети со кокаин чија што пазарна вредност изнесува со милиони долари.

Последен пат во неделата на една филипинска плажа се појавиле седум пакети, а во мај рибар пронајде 39 пакети со кокаин. Уличната вредност на дрогата се проценуваше на четири милиони долари.

Од филипинската полиција веруваат дека пакетите биле исфрлени од бродовите со кои дрогата била криумчарена во Австралија, иако никој со сигурност не може да знае зошто пакетите кои се добро заштитени се појавуваат на филипинскиот брег.

Последната појава на пакети е мала количина во споредба со количината пронајдена во февруари, кога за седум дена во четири провинции беа пронајдени пакети на бреговите чија што вредност се проценуваше на повеќе милиони долари.

Постојат неколку причини за тоа. Понекогаш бродовите додека брзаат кон својата дестинација го фрлаат вишокот товар, а посебно ако некој ги брка и сакаат да ги уништат доказите. Морските струи потоа овие пакети ги носат до брегот на Филипините, изјави Санјо Тре, соработник на Проектот за политика за дроги при американскиот Институт за политички студии.

Тој вели дека можно е пакетите да се дел од пратка која што криумчарите ја загубиле за време на транспортот на дрогата.

Понекогаш рибарите со своите сидра ги подигнуваат тие пакети од морското дно, а пакетите понекогаш и самите испловуваат на површината, вели Тре.

Сепак, во филипинската Агенција за борба против наркотици се сомневаат дека „пловечкиот кокаин“ е еден вид на диверзија на нарко-картелите.

Додека сите владини сили се сконцентрирани на операциите поврзани со кокаинот пронајден на плажите, веруваме дека картелите би можеле да ја искористат приликата за повеќе да криумчарат шабу, изјави генералниот директор на оваа агенција Арон Акуино во соопштението испратено до медиумите во февруари.

Шабу инаку е филипински збор за критален мет – една од најчесто користените дроги на Филипините, а борбата против метот беше во центарот на „бруталната војна против дрогата“ на филипинскиот претседател Родриго Дутерте.

Шефот на филипинската национална полиција, Оскар Абаиалде сепак не верува дека нарко-картелите избираат вака скапа тактика. Тој смета дека поголема е веројатноста пакетите да фрлени во морето додека дилерите се обидувале да побегнат од полицијата.

Во септември минатата година, полицијата на Соломонските острови пронајде 500 килограми кокаин чија што вредност се проценуваше на вртоглави 300 милиони долари. Се претпоставувало дека кокаинот бил наменет за австралискиот пазар каде што побарувачката во овој дел од светот е голема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.