Високиот австриски здравствен службеник, координаторот за набавка на вакцината против Ковид-19, Клеменс Оер, денеска поднесе оставка на функцијата, затоа што не успеа да ги купи сите достапни дози на вакцини, откако канцеларот ги искритикува разликите во дистрибуцијата на вакцините во Европската унија.

Клеменс Оер денеска ме замоли да го ослободам од должноста, изјави австрискиот министер за здравство, Рудолф Аншхобер, три дена откако канцеларот Себастијан Курц ја нападна ЕУ, предупредувајќи дека дозите на вакцините не се делат пропорционално меѓу членките, како и дека заради нетранспарентните преговори меѓу лидерите на Унијата сега се преговара за дополнителни договори за набавка на вакцини.

Оер не ме извести за можноста за набавка на повеќе од 31 милион веќе загарантирани дози на вакцини преку резервацијата на дозите што не ги бараат другите земји-членки, додаде министерот Аншобер.

Европската комисија соопшти дека доколку една земја-членка не ја користи дистрибуцијата на вакцините според системот „про-рата“, дозите ќе бидат распределени на другите земји-членки на Унијата.

Австриската Народна партија (ОВП), на канцеларот Курц, го повика Оер да си поднесе оставка затоа што не успеа да нарача максимален број дози преку споменатиот механизам.

Австрија, држава со население од 8,9 милиони, досега вакцинира 8,4 отсто од населението, додека Малта, на пример, вакцинира 18,3 проценти од нешто повеќе од половина милион луѓе.

Лидерите на Австрија, Бугарија, Летонија, Словенија, Чешка и Хрватска во писмото до претставниците на ЕК кажаа дека веруваат дека сегашниот систем „може до лето да продолжи да создава и да ги продлабочува големите разлики меѓу земјите-членки, дозволувајќи им на некои да постигнат колективен имунитет за неколку недели, додека другите држави може далеку да заостанат”.

Курц тврди дека Холандија и Данска имаат пристап до значително поголеми дози на вакцини по глава на жител од земјите како Бугарија или Хрватска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.