Претседателот на германската централна банка, Јенс Вајдман соопшти дека кон крајот од годинава ќе ја напушти „Бундесбанка“ поради лични причини, но го искористи моментот за да го потврди своето предупредување за ризици од инфлација.

Вајдман побара од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер да го разреши од должноста на 31 декември, се наведува во соопштението на „Бундесбанка“.

Дојдов до заклучок дека повеќе од 10 години се добра мерка за време за да се сврти нова страница – за „Бундесбанката“, но и за мене лично – пишува Вајдман во писмо до вработените во банката, без да наведе повеќе детали.

Вајдман стана претседател на германската централна банка во мај 2011 година, откако неговиот претходник Аксел Вебер поднесе оставка во знак на протест поради антикризните мерки на ЕЦБ. Меѓутоа, во својата изјава, Вајдман се придржува до дипломатската линија, велејќи само дека останува цврсто убеден оти ЕЦБ треба да се придржува до својот првичен мандат за контрола на инфлацијата.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард изјави дека и е „исклучително жал“ за одлуката на Вајдман.

Јенс имаше јасни ставови за монетарната политика, но јас секогаш бев импресионирана од неговата потрага по заеднички позиции во Управниот совет, од неговата емпатија кон колегите од Евросистемот и од подготвеноста за компромис – нагласи таа во соопштението.

Оставката на Вајдман ќе отвори уште една клучна функција, за која ќе се разговара во коалициските преговори на германската влада.

Лидерот на Слободните демократи, Кристијан Линднер напиша на Твитер дека жали поради одлуката на Вајдман.

Меѓу имињата за потенцијални наследници на Вајдман се потпретседателката на ЕЦБ, Клаудија Бух, германскиот државен секретар Јорг Кукис и економистите Марсел Фратшер и Фолкер Виланд. Друга опција би била членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, да премине во Бундесбанката и да ја напушти моменталната функција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.