Џејмс ле Мезури, основачот на организацијата што ја обучуваше сириската група за итни интервенции „Бели шлемови“ утрово е пронајден мртов во близина на својот дом во Истанбул.

Канцеларијата на истанбулскиот гувернер рече дека е почната истрага за смртта на основачот на спасувачката група „Mayday“. Медиумите, повикувајќи се на безбедносни извори, соопштија дека тој паднал од балконот на својата домашна канцеларија и оти има сомневање дека станува збор за самоубиство.

„Белите шлемови“ е организација која спаси илјадници луѓе од териториите што беа под контрола на бунтовниците, а беа бомбардирани од силите на сириската Влада.

Невладината организација има канцеларија во Амстердам и во Истанбул, а нејзините проекти се финансирани од Обединети нации и националните влади.

Сирискиот претседател Башар ал Асад, и неговите поддржувачи, „белите шлемови“ ги опишуваат како „играчки на западната пропаганда и бунтовниците под исламско раководство“.

Руското Министерство за надворешни работи во петокот на Твитер напиша дека „белите шлемови“ им помагаат на „најопасните терористички групи“ и дека Џејмс ле Мезури е поранешен британски агент со познати „врски со терористички групи“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.