Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, истакна дека неговата земја не може да ги укине ограничувачките мерки воведени за спречување на ширењето на корона вирусот сè додека не се изврши масовна вакцинација на населението.

Орбан, за унгарското државно радио, изјави дека најдобриот пристап е да се одобри употребата на неколку различни вакцини против корона вирусот, со цел да се поттикне побрзо производство и испорака на вакцини.

Не ни требаат објаснувања, туку вакцини – изјави Орбан.

Тој додава дека се надева дека министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, кој е во Москва за да преговара за вакцините, ќе обезбеди договор за набавка на руската вакцина „Спутник 5“.

Според Орбан, кога здравствените работници, старите лица и оние кои работат во првите редови ќе ја примат вакцината, може да почнат разговори за олеснување на мерките.

Унгарската агенција за лекови ја одобри употребата на британската „Астра зенека“ и на руската вакцина „Спутник 5“. Унгарија на тој начин стана првата земја од ЕУ што ја одобри руската вакцина, за која европскиот регулатор сè уште нема дадено зелено светло.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.