Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика денеска на создавање нов сојуз на десничарски европски партии, откако неговиот Фидес ја напушти Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка група во Европскиот парламент.

Сега задачата е да се изгради крило на европската демократска десница без ЕПП“, напиша Орбан на својот Фејсбук профил и додаде дека „ЕПП конечно стана додаток на европската левица, пренесе Хина.

Спорот меѓу раководството на ЕПП и Фидес трае со години поради несогласувања за низа прашања.

Политиката на Орбан, вклучително и мерките против барателите на азил и законите против невладините организации, го спротивставија со неговите колеги од ЕПП, како и со Европската комисија во Брисел.

Орбан, од друга страна, ги обвини дека се оддалечуваат премногу од нивните конзервативни вредности, пишува агенцијата ДПА.

Членството на Фидес во најголемата европска политичка група беше суспендирано во 2019 година, а 12 пратеници на таа партија ја напуштија најголемата парламентарна група во Европскиот парламент во средата.

Според Орбан, новото крило на европската десница ќе биде дом „на сите европски граѓани кои не сакаат мигранти, мултикултурализам, кои не зависат од ЛГБТ манија, но ги штитат христијанските вредности и го почитуваат националниот суверенитет“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.