Унгарскиот премиер Виктор Орбан застана во одбрана на законот со кој се забранува промовирање на хомосексуалноста и промена на полот во училиштата, тврдејќи за себе си дека е борец за правата на ЛГБТ лицата.

Јас сум борец за нивните права. Бев борец за слобода во комунистичкиот режим. Хомосексуалноста беше казнувана и се борев за нивна слобода и нивните права. Затоа, јас ги бранам правата на хомосексуалците, но законот не е за тоа – изјави Орбан пред новинарите по доаѓањето на самитот на европските лидери.

На самитот се очекува да се покрене прашањето за законот на Орбан, што беше критикуван од повеќе европски земји.

Воопшто не станува збор за хомосексуалците. Законот е за тоа на кој начин родителите би сакале сексуално да ги образуваат своите деца. Тоа право им припаѓа исклучиво на родителите. Во законот станува збор за тоа – истакна Орбан.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, при пристигнувањето на самитот изјави дека новиот унгарски закон ќе биде тема на дискусија.

Декларацијата, со која се изразува „голема загриженост“ поради унгарскиот закон, ја потпишаа 17 од 27 земји членки на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.