Унгарија не сака да прифати пари од специјалниот фонд на Европската Унија (ЕУ) за помош во отстранување на последиците од пандемијата, доколку тоа е условено со барање Будимпешта да се откаже од законот со кој се забрануваат информации во училиштата за хомосексуалноста, изјави премиерот Виктор Орбан.

Оваа одлука на администрацијата на Орбан е објавена во Службен весник.

На почетокот на месецот, во Унгарија стапи на сила закон, на основа на којшто е забранета во училиштата употребата на материјали кои се оценети како промоција на хомосексуалноста и промената на полот.

Европската Kомисија минатата недела почна правна постапка против Унгарија, чијашто администрација ја обвинува за кршење на правата на ЛГБТ популацијата.

Во указот на унгарските власти се наведува дека Европската Комисија го одложува одобрувањето на планот за обнова на Будимпешта поради „нејзиното политичко спротивставување на националниот закон за заштита на децата“.

„Унгарија ќе прифати само договор во кој Европската комисија не наметнува услови на Будимпешта којашто не се однесува на другите членки“, се наведува во указот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.