Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во наредните месеци ќе потпише нов договор со Русија со кој Унгарија ќе биде снабдена со речиси една милијарда кубни метри гас.

Говорејќи за локално радио, Виктор Орбан рече дека очекува договор со Москва ова лето за да ѝ обезбеди на Унгарија дополнителни 700 милиони кубни метри гас, пренесува Еуроњуз.

„Преговараме со Русите. Овој договор може да биде потпишан во текот на летото и тогаш ќе бидеме сигурни. Унгарија ќе има доволно гас“, изјави Орбан.

Овој нов договор се надоврзува на 15-годишниот договор што Будимпешта го потпиша минатата година со рускиот државен енергетски гигант Газпром за испорака на околу 4,5 милијарди кубни метри гас годишно.

Најавата на Орбан за потпишување на договорот со Русија доаѓа откако унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ја посети Москва минатата недела за да разговара за договорот со својот руски колега Сергеј Лавров.

„Во сегашната меѓународна ситуација, најважно за нас е да ја обезбедиме енергетската безбедност на Унгарија. Затоа, би сакал да разговараме денес и да се договориме за зголемување на количеството на гасот што веќе ѝ се испорачува на Унгарија од Русија“, рече странскиот министер Петер Сијарто пред неколку дена во Москва.

Лавров рече дека барањето на Будимпешта за повеќе гас ќе биде разгледано веднаш. Унгарија во моментов заостанува зад другите земји-членки на ЕУ во однос на зголемувањето на снабдувањето со гас пред зимата. Резервите на Унгарија се полни само 50 отсто, во споредба со просекот на целиот блок од 68 отсто, според Политико.

Унгарија, како и многу други европски земји, е многу зависна од руските енергетски извори, а околу 80 отсто од гасот доаѓаат од Русија. Будимпешта силно се спротивстави на какви било потенцијални санкции на Европската Унија за рускиот гас, иако не гласаше против казните од Брисел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.