Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, оцени дека „Брисел ја нападнал Унгарија“, додавајќи дека затоа е неопходен референдум.

За време на денешното интервју за државното радио Орбан наведува дека во документот испратен до унгарската влада, Европската комисија барала Будимпешта да го смени законот за заштита на децата. Иако семејството и правата на децата се национални прашања, „Брисел изврши огромен притисок врз нас“, додаде Орбан, како што објави агенцијата МТИ.

Ќе ве уценуваат, ќе ви се закануваат, ќе покренат разни процедури, ќе ги одложуваат плаќањата, но не можеме да се предадеме затоа што иднината на нашите деца е во прашање – рече Орбан.

Премиерот на Унгарија вели дека „само Владата нема да биде доволно силна во таа борба“ и дека им е потребна поддршка од „секој Унгарец“. Тој потсети дека беше слично кога станува збор за квотите за прием на мигранти.

Владата не можеше да одолее, но унгарските гласачи ја заштитија Европа од задолжителната распределба на мигрантите по држави – рече тој.

Според Орбан, „Брисел сака Унгарија да дозволи активисти за ЛБГТК да влегуваат во училиштата, а Европската комисија смета дека некои права во училиштата ќе им претходат на правата на родителите“.

Европската унија очекува да придонесе за идеалот на европската слобода, но децата не се дел од слободата на возрасните и не станува збор за слобода, туку за заштита на децата. Тие сакаат да ни ја одземат можноста да ги едуцираме децата. Можеби е различно на Запад, но образованието на унгарските деца е унгарско  – проценува Орбан.

Унгарија има право на средства за закрепнување (од пандемијата) од ЕУ, вели Орбан.

Тие можат да одолговлекуваат, но не можат да ги блокираат, па владата одлучи да ги финансира програмите што претходно ги одобри Брисел. Ние ќе платиме за тие проекти, без разлика дали ќе добиеме пари од Брисел или не – рече тој.

Премиерот на Унгарија истакна дека 55% од населението е ревакцинирано и затоа Унгарија е една од најбезбедните земји, но тој предупреди дека неговата земја ќе биде погодена и од четвртиот бран на пандемијата, кој веќе започна во Западна Европа.

Ние ќе бидеме првата земја во Европа што ќе им понуди на граѓаните трета, засилена доза од 1 август. Здравствените услуги ги охрабруваат невакцинираните стари лица да примаат вакцини, а имунизацијата исто така ќе започне во училиштата, за деца над 12 години и пред почетокот на учебната година – додаде тој.

Кога станува збор за Олимписките игри, Орбан тврди дека, доколку Игрите се одржуваа во Унгарија, „тие ќе се одржуваа во нормални околности“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.