Светот е поблиску од кога и да е локалниот конфликт да стане светска војна, изјави денеска унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Тој за унгарското радио изјави дека лидерите на западниот свет се погодени од воена треска, дека држат говори, во кои повикуваат на победа во војната и испраќаат сè поопасно оружје во Украина, пренесува агенцијата МТИ.

Наместо едногласно да се промовира мир, светот е поделен, рече Орбан и додаде дека Турција и арапските држави, Кина и африканските земји сакаат прекин на огнот и мировни преговори.

Орбан оцени дека Унгарија мора да има силна армија и во исто време да промовира мир.

На Унгарија ѝ требаат ефикасни вооружени сили, а владата работи на зголемување на бројот на војници, нивната посветеност на татковината и нивниот повик, нивното ниво на обука и нивниот јавен углед, рече Орбан.

Тој додаде дека армијата мора да биде опремена и со модерно оружје.

Тоа што сме за мир не значи дека треба да бидеме беспомошни, рече Орбан.

Според него, укинувањето на санкциите поврзани со војната би било најдобриот начин за сузбивање на инфлацијата.

Тој најави дека Унгарија ќе продолжи да става вето на мерките што ќе предизвикаат најнепосредна штета на нејзината економија.

Доколку Европската Унија утре ги укине санкциите против Русија, инфлацијата веднаш би се преполовила, а потоа постепено би се вратила на 2-3 отсто, смета Орбан, пренесе „Новости.рс“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.