САД повторно имаат силен водач, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан по неговата средба со Доналд Трамп во Белата Куќа. Десничарските водачи од двете страни на Атлантикот одржаа една од најмногу очекуваните средби во 2019 година, на која доминираа прашања за илегалната имиграција во САД и во Европа. Средбата воедно предизвика сериозна загриженост кај политичките противници на Орбан и на Трамп.

Кога бев во Белата Куќа во 1998 и во 2001 година, новинарите и тогаш го критикуваа претседателот. Но, тогаш критиките беа за приватниот живот на Бил Клинтон, а сега претседателот е под оган поради важните политички одлуки кои ги носи, како што е на полето на имиграцијата и на трговијата со Кина. Но, тоа што е најмногу очигледно е дека САД повторно имаат силен водач, човек кој не се плаши да размислува креативно и да дојде до нови решенија, изјави Орбан по средбата за новинската агенција В4Н4.

Орбан и Трамп значително го надминаа времето предвидено за средбата, при што, вели Орбан, американскиот претседател го распрашувал за развојот на состојбата во Европа.

Разговаравме за силната тенденција Европа да се турка кон социјализам, како идеолошки така и економски. Високи даноци, бирократизација, строга цензура, гушење на конкурентноста… Наспроти овие движења се политиките кои ги спроведуваме во централна Европа, каде поттикнуваме конкурентност. Ние во средна Европа еднаш веќе минавме низ социјализам и точно знаеме дека социјализмот уништува се што ќе допре, изјави Орбан.

Двајцата водачи се поборници на затворање на границите на Европа и САД за илегалната миграција со која се менува структурата на населението. Според премиерот Орбан, причината поради која левичарските партии во Европа и во САД инсистираат на политика на отворени граници е што ја губат својата гласачка база, и се обидуваат да го зголемат имигрантското население кое е подготвено да гласа за левицата.

Левицата увезува гласачи преку европските граници за да го обезбеди својот политички опстанок. Но, новиот момент на овој план е што партиите од десницата почнаа да соработуваат по ова прашање како сојузници. Верувам дека ова што се прави е спротивно на интересите на нашите држави и дека носи сериозни последици за европскиот начин на живот. Гледаме дека има луѓе кои сакаат по европските избори на 26 мај да се формира перверзна про-имигрантска коалиција во Европа. Тоа е дел од заканата од миграцијата, предупредува Орбан во неговата изјава за В4Н4.

За време на нивните изјави пред медиумите, Трамп го поздрави пристапот на Орбан во заштита на христијанските заедници во Европа и низ светот, прашање кое е високо на листата приоритети на двајцата водачи.

Унгарците живеат на границата на судирот на цивилизациите. Претседателот Трамп ми се заблагодари за се што правиме за христијаните кои се соочуваат со прогон. Ние не донираме преку меѓународни организации туку директно им помагаме на христијаните, неодамна реновиравме 14 христијански цркви во Либан, а реновираме уште 19 и работиме на програми за децата од христијански семејства, додаде унгарскиот премиер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.