За време на големиот собир во Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди дека меѓународни центри на влијание, во Брисел и Вашингтон, како и мрежата на левичарскиот милијардер Џорџ Сорос, се обидуваат да влијаат врз унгарската внатрешна политика на претстојните парламентарни избори.

Орбан се обрати на денот кога се одбележува годишнината од унгарското востание против комунистичката диктатура во 1956 година, како и на годишнината од големите протести против корумпираната власт на Ференц Ѓурчани во 2006 година, на кои полицијата брутално ги нападна поддржувачите на партијата „Фидеш“.

Не е важно што сакаат во Брисел, Вашингтон и во медиумите кои се диригирани од странство. Унгарците сами ќе решаваат за својата судбина – порача Орбан.

Тој оцени дека и Полска е изложена на сличен третман од Брисел и ги предупреди бирократите во ЕУ дека нема да успеат да го победат унгарскиот народ, исто како што и комунистите не успеале во тоа.

Од една страна беа гасните гранати, гумените куршуми, тајната полиција и водените топови. Од друга страна беше нашата измамена и понижена нација, принудена да слуша лаги од утро до вечер. Денес го бележиме денот кога унгарската нација се пронајде себеси, а унгарското име повторно ја доби старата слава. Во 2006 година новата генерација комунисти повторно се судри со Унгарија – изјави Орбан, потсетувајќи на протестите во 2006 година.

Во исто време митинг одржа и Петер Марки-Зај, кандидатот кого повеќе унгарски опозициски партии го одбраа да се соочи со Орбан како нивниот претставник на изборите во 2022. Марки-Зај вети дека доколку биде избран, ќе го смени Уставот и ќе го воведе еврото во Унгарија. Тој го обвини Орбан дека ја задушува слободата на медиумите и дека владее како режим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.