Европската унија, како што разбира Унгарија, е составена од суверени нации, но некои земји-членки се обидуваат да пренесат повеќе овластувања на Брисел и да ги зајакнат институциите на ЕУ, рече премиерот Виктор Орбан во интервју објавено во германскиот магазин Штерн во четвртокот.

Ние, во Унгарија, велиме дека можете да бидете добар Европеец, ако сте добар Унгарец – рече Орбан, додавајќи дека врз основа на нивното историско искуство, Унгарците со загриженост гледаат на притисок кон „централизација“ на Унијата.

Не би сакале повторно да се откажеме од суверенитетот и владеењето на правото постигнати за централна и источна Европа пред 31 година, вели тој.

На прашањето зошто Унгарија не го следи водството на Велика Британија и не ја напушта ЕУ, премиерот рече дека „за нас е подобро во ЕУ“, нарекувајќи го Брегзит „голема грешка што требаше да се спречи“.

Важно е Унгарија да припаѓа на сојуз што обезбедува безбедност – рече Орбан.

Тој рече дека Унгарија целосно ги поддржува вредностите наведени во членот 2 од Лисабонскиот договор, истакнувајќи дека тие вредности се запишани и во основниот закон на земјата.

Запрашан за загриженоста покрената за владеењето на правото во Унгарија, Орбан рече дека ги смета за „апсурдни“, додавајќи дека „никогаш не биле изнесени јасни и објективни критериуми за да се оправдаат овие недокажани обвинувања“.

Во однос на медиумите во Унгарија, Орбан рече дека „објективните анализи покажуваат дека пазарниот удел на медиумите кои се многу критични кон владата е далеку над 50 проценти“.

Во врска со прашањата на семејната политика, премиерот се осврна на основниот закон на Унгарија, кој го дефинира семејството како врска помеѓу маж и жена, за која рече дека не може да се смета како „нетолеранција“.

Тој вели дека „ги пуштаме внатре“ муслиманите што живеат во Унгарија и „тие прифатија дека живеат во христијанско-еврејска земја и ги почитуваат нашите закони“.

Во врска со правните дебати на ЕУ за сместување на азиланти во Унгарија, Орбан рече дека основната политика на земјата е дека се спротивставува на илегалната имиграција. Тој рече дека се противи на секоја политика што им дава на впечаток на оние кои имаат потреба дека имиграцијата во Европа е единственото решение, бидејќи тоа ќе ги постави сите на пат исполнет со опасни по живот предизвици.

Унгарија го почитува правилото утврдено во меѓународните договори дека луѓето кои ги напуштаат своите домови со добра причина имаат право да бидат примени во безбедна земја – рече Орбан.

Сепак, не постои меѓународно право што им дозволува избор на таква земја, додаде тој.

Ставот на Унгарија е дека мора да им се донесе помош на оние кои имаат потреба, наместо „увезува проблеми“ и затоа е формирана добротворната организација „Унгарија помага“- рече Орбан.

Тој додаде дека треба да се покрене „тип на Маршалов план“ за земјите во Африка и на Блискиот исток од каде потекнуваат многу мигранти.

Пристапот на ЕУ кон прием на баратели на азил е далеку поголем од правата запишани во меѓународните договори – рече Орбан.

За жал, овој пристап стана „политички темелник“ и секој што не се согласува со тоа „веднаш станува црна овца“, додаде тој.

Миграцијата ќе остане „големото прашање за европската цивилизација“ во наредните дваесет години и националните парламенти се тие што ќе треба да донесат одлуки за тоа.Унгарија е „многу разновидна“ земја во однос на културата и религијата, каде што луѓето од различни религии и светски погледи живеат во хармонија – рече тој.

Ние ја сакаме различноста во нашата култура, но многу внимаваме на сè што доаѓа однадвор затоа што сме мала земја“, додаде тој.

Тој рече дека за време на бегалската криза во 2015 година стана јасно дека „германските политичари веруваат во постхристијанска и постнационална Европа“, принцип што не го споделуваат Унгарците.

Во таква ситуација „треба да бидеме толерантни едни со други и да се согласиме дека дури и ако мислиме поинаку, сепак можеме да бидеме пријатели – додаде тој.

Коментирајќи ја германската канцеларка Ангела Меркел, Орбан ја опиша како „силна жена што носи два крста: германска и европска политика“, но таа сè уште оди по права линија, со што заслужува почит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.