Од новата варијанта на коронавирус Омикрон постои трипати поголем ризик од повторна инфекција од моментално доминантниот вид Делта и Бета видот на вирусот, соопштија група јужноафрикански здравствени тела.

Јужноафриканскиот министер за здравство Џо Фала изјави дека неговата земја влегува во четвртиот бран на Ковид-19 поради варијантата Омикрон, но дека болниците во оваа фаза не се загрозени. Тој на прес-конференција истакна дека инфекциите со новата варијанта сега се присутни во седум од деветте провинции во земјата и изрази надеж дека со овој сој може да се управува без да се предизвикаат премногу смртни случаи.

Фала ги повика граѓаните на Јужноафриканската Република да бидат целосно вакцинирани, бидејќи, како што тврди, тоа е најдобрата заштита од Омикрон варијантата.

Светската здравствена организација, пак, соопшти дека новата варијанта на корона вирусот е идентификуван во 38 земји ширум светот, но досега не се пријавени смртни случаи.

Марија Ван Керхове, шефица на техничкиот тим во одделот за итни случаи на СЗО истакна дека зголемувањето на бројот на заразени со Ковид-19 во Европа во изминатите два месеци се должи на сојот Делта, но Омикрон може да ја влоши ситуацијата.

Затоа, таа смета дека е исклучително важно да се продолжи со поддршката на епидемиолошките мерки насочени кон ограничување на ширењето на варијантата Делта. Посебно, треба да се засилат кампањите за вакцинација.

Главната научничка на СЗО, Сума Сваминатан ги повика луѓето да не паничат поради појавата на Омикрон и изјави дека е премногу рано да се извлечат заклучоци за новата варијанта. Во интервју за Ројтерс Некст, Сваминатан вели дека е невозможно да се предвиди дали Омикрон ќе стане доминантна варијанта на корона вирусот.

Треба да бидеме подготвени и внимателни, но да не се паничи бидејќи сме во поинаква ситуација од пред една година. Делта сочинува 99 отсто од инфекциите во светот. Оваа варијанта би требало да биде позаразна за да ја надмине Делта и да стане доминантна во светот. Можно е, но не е можно да се предвиди. Мора да почекаме, да се надеваме дека е поблага … но прерано е да се заклучи за варијантата како целина – вели Сваминатан.

Таа најави дека СЗО следната недела ќе свика глобална група на експерти за да ги одреди приоритетите за истражување на Омикрон. Коментирајќи ја потенцијалната потреба од вакцинација со бустер доза против коронавирус еднаш годишно, таа вели дека СЗО се подготвува за сите сценарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.