Вооружени разбојници провалиле во златарницата на „Булгари“ на луксузниот плоштад Вандом во Париз и украле накит вреден 10 милиони евра, соопшти полицијата.

Тројца вооружени и маскирани лица ја ограбиле неодамна реновираната продавница за накит на плоштадот во центарот на Париз, во близина на хотелот „Риц“, нешто пред пладне.

Тројцата побеганале со автомобил, а четворица помошници местото го напуштиле со скутери. Тројцата главни извршители биле принудени да го напуштат возилото, па почнале да бегаат пеш пред да бидат уапсени.

„Еј-би-си њуз“ пренесува дека еден од уапсените при бркотницата бил застрелан во ногата од страна на полицијата.

И други продавници за накит во Париз исто така биле цел на разбојници во последните месеци.

Во јули накит вреден речиси 2 милиона евра беше украден од ексклузивна златарница во близина на Елисејските полиња иако пленот подоцна беше пронајден, а осомничените уапсени.

Разбојници истиот месец ја нападнале и златарницата „Дин Ван“ во центарот на Париз.

Историскиот плоштад Вандом се смета за срцето на францускиот луксуз. Таму свои продавници имаат многу престижни бредндови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.