Судбината на стотици илјади жители на јужен Пакистан, силно погодени од обилните дождови што ја пустошат земјата, зависи од 90-годишната брана Сукур. Хидролошката бариера ја контролира моќната река Инд, а со тоа и еден од најголемите системи за наводнување во светот.

Владата прогласи вонредна состојба, откако овој дел од земјата се соочи со обилни монсунски дождови, што досега однесоа повеќе од 1.000 животи, а погодени се и раселени повеќе од 33 милиони жители.

Експертите го следат „однесувањето“ на реката Инд во јужната провинција Синд, откако поројните дождови што паѓаат со недели досега предизвикаа невидени поплави.

Француските медиуми пренесуваат дека пороите од помалите реки што се слеваат по оваа планинска област се влеваат во реката.

Реката Инд, која извира од Тибет и тече низ Индија и Пакистан пред да се влее во Арапското Море, обезбедува 90 отсто од водоснабдувањето на Пакистан и затоа е многу важна за животот на многу жители.

Не плаши сета оваа вода и пороите што се влеваат во реката – вели 42-годишниот Иршад Али, земјоделец кој жали што монсуните ги однеле и уништиле палмите и градинарските култури.

Инд на неколку места веќе се излеа од своето корито и доколку браната Сукур не успее да го контролира протокот на вода, може да следи катастрофа. Браната е изградена пред 90 години за време на Британската империја. Во тоа време таа се сметаше за инженерско чудо, бидејќи преку 19 челични врати успева да испушти 1,4 милиони кубни метри вода во секунда.

Браната ја прераспределува водата во речиси 10.000 километри долгите канали, што водата ја носат до земјоделските површини, но по годините на занемарување, запуштените канали повеќе не успеваат да ги прифатат рекордните количества вода.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.