Претседавачот со aд хок комитетот за миграција и потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Кристијан Вигенин, повика на подобрување на меѓународната соработка на полето на миграцијата, како и на воспоставување рамнотежа меѓу сувереното право на државите да ги заштитат своите национални граници и почитување на човечки живот.

Во многу области во регионот на ОБСЕ, децата, жените и мажите се селат напред-назад преку границите, со целосно непочитување на нивните основни човекови права – изјави Вигенин во изјавата пред утрешниот Меѓународен ден на мигрантите.

Вигенин констатира зголемување на тешкотиите во собирањето веродостојни податоци за време на пандемијата на Ковид-19 и ја истакна одговорноста на парламентарците во борбата против растечката антиимигрантска реторика.

Тој предупреди и на дезинформации насочени кон самите мигранти од страна на шверцери, трговци со луѓе и други кои сакаат да заработат пари од илегалната миграција.

Здравствената криза не треба да се користи за постигнување ксенофобична агенда. Од почетокот на пандемијата, видовме зголемување на антиимигрантската реторика. Сите ние мора да дадеме свој придонес и да се спротивставиме на таквите дезинформации каде и да ги забележиме – порача Вигенин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.