Канадската здравствена регулаторна институција ја одобри вакцината против Ковид-19 развиена од британско-шведската компанија „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд.

Со таквата одлука, оваа вакцина стана третата што е одобрена во канада.

Вакцините ќе пристигнуваат сè побрзо и побрзо како што се доближуваме до пролетта и не само затоа што пратките на „Модерна“ и „Фајзер“ рапидно се зголемуваат, туку затоа што Канада сега одобри уште една опција за вакцинирање. Утрово, „Здравство Канада“ ја одобри вакцината на „АстраЗенека“ и Оксфорд – соопшти премиерот Џастин Трудо, нарекувајќи ја „многу охрабрувачка вест“ во борбата на земјата против Ковид-19.

Трудо додаде дека се обезбедени 22 милиони дози од вакцината на „АстраЗенека“ кои треба да почнат да пристигнуваат во наредните месеци.

Канада до крајот на март треба да има 6,5 милиони дози од сите вакцини – додаде Трудо.

„Здравство Канада“ соопшти дека вакцината на „АстраЗенека“ покажала ефикасност од околу 62 проценти во спречување на симптоматски случаи на Ковид-19, во период од две недели по втората доза.

Регулаторот ја одобри употреба на оваа вакцина за лица од 18 години и постари. Тоа се разликува од неколку земји во Европа кои ја ограничија нејзината употреба само за луѓе под 65 години, велејќи дека нејзината ефикасност не е докажана кај постарите возрасни групи.

Трудо се најде под притисок да го забрза темпото на кампањата за вакцинација во земјата поради тоа што Канада заостанува зад многу други западни земји, вклучувајќи ги и соседните САД, во однос на бројот на вакцинирани луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.