Денеска, во целата Европска Унија стапува во сила правило според кое секој што влегува или излегува од нејзината територија мора да пополни декларација доколку со себе има 10.000 евра или повеќе, во готовина или еквивалент на таа сума во други валути, како и во други платежни средства, како што се патнички чекови или меници, но и злато.

Комисијата наведува дека царинските службеници на влезовите во ЕУ имаат право да ги проверуваат патниците, нивниот багаж и возилата. Исто така, тие имаат право да запленат пари што не се пријавени.

Новото правило е дел од стратегијата на Унијата за борба против перење пари и финансирање тероризам. Покрај декларацијата за готовина, се очекуваат и низа други промени во оваа област.

Ќе биде проширена дефиницијата за готовина и тука ќе бидат вклучени и чекови, златници, златни прачки и слични предмети. Доколку царинските службеници имаат разумни основи да се сомневаат дека парите се поврзани со криминална активност, тие ќе може да одземат суми и во износ помал од 10.000 евра.

Декларациите за готовина ќе се чуваат дури до пет години, со цел да се следи колку готовина влегува и излегува од Унијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.