Европската Унија ја засилува својата воена поддршка за Украина, со мисија за обука на 15.000 украински војници на територијата на ЕУ и доделување нови 500 милиони евра за набавка на оружје.

Toа е голем чекор и прв од ваков вид за ЕУ, забележува европски функционер, според кој, „никогаш не е извршена мисија од такви размери“.

Се очекува министрите за надворешни работи на 27-те земји членки на состанок во Луксембург да ги одобрат тие две одлуки и мисијата веднаш да почне да функционира – додава дипломатски извор.

Министрите, исто така, треба да поддржат уште 500 милиони евра воена помош, со што вкупниот износ доделен од почетокот на руската инвазија во февруари, ќе достигне 3,1 милијарди евра.

Во моментов, во различни земји на ЕУ, особено во Германија и Франција, се одржуваат курсеви за обука на украинските војници, кои се обучуваат да користат оружје, ракетни фрлачи и системи за противвоздушна одбрана, доставени од Европа.

Франција во саботата соопшти дека ќе обучи „до 2.000 украински војници“ на нејзина територија.

Севкупно, целта е да се обезбеди „основна обука“ за 12.000 украински војници и „специјализирана обука“ за 2.800 други, тврди европски извор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.