Само неколку часа откако стана првата жена премиер на Шведска, Магдалена Андерсон поднесе оставка од функцијата. Овој нејзин потег следи откако предлог-буџетот на нејзината влада не беше прифатен, а нејзиниот коалициски партнер, партијата на Зелените, излезе од владата.

За мене тоа е прашање на почит, јас не сакам да водам влада во која би можело да има било каква основа за доведување во прашање нејзиниот легитимитет. Сметам дека коалициската влада треба да поднесе оставка доколку една партија во неа одлучи да ја напушти владата, рече таа, пренесува АП.

Претходно денеска шведскиот парламент ја избра Магдалена Андерсон, претседателката на Социјалдемократската партија, за нов премиер, со што стана првата жена на чело на шведската влада во историјата на земјата.

Но, откако парламентот гласаше за буџетот подготвен од опозицијата, во кој е вклучена и антиимигрантската екстремна десница, од партијата на Зелените порачаа дека не можат да прифати буџет „за првпат изготвен со крајната десница“.

Андерсон рече дека се надева дека ќе се обиде повторно да стане премиер како лидер на една партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.