Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека не ја исклучува можноста за употреба на сила ако азербејџанските сили не ја напуштат ерменската територија во разумен рок.

– Во случај на недостиг на мирно решение во разумен рок, ако азербејџанските сили не се вратат на своите првични позиции, ерменските вооружени сили имаат право да го решат проблемот, дури и со сила, се вели во соопштението.

Министерството уште еднаш потенцираше дека секое кршење на законите на ерменската држава е апсолутно неприфатливо и оти азербејџанските трупи мора да ја напуштат ерменската територија.

Ереван повика ова прашање да се реши мирно и побара меѓународна медијација.

Ерменското Министерство за одбрана на 12 мај соопшти дека азербејџанските вооружени сили се обиделе да извршат „одредени операции“ на границата во провинцијата Сјуник со цел да ја „прилагодат границата“.

По реакцијата на Ерменците, Азербејџанците ги прекинаа своите активности и се согласија на разговори со цел да се смири ситуацијата.

Истиот ден, вршителот на должноста премиер на Ерменија, Никол Пашињан одржа состанокот со безбедносните сили, на кој ситуацијата ја опиша како кршење на ерменската територија.

Потоа рече дека Азербејџанците ја преминале границата и влегле три и пол километри во внатрешноста на Ерменија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.