Заменик-министерот за одбрана на САД, Патрик Шанахан, од први јануари следната година ќе го замени министерот Џим Матис, кој пред неколку дена си поднесе оставка, по одлуката на Доналд Трамп да ги повлече воените сили од Сирија. Ова денеска преку „Твитер“ го соопшти американскиот претседател.

Со задоволство можам да објавам дека нашиот високо талентиран заменик-министер за одбрана, Патрик Шанахан, ќе биде министер за одбрана од 1 јануари 2019 година. Патрик има долга листа на достигнувања што ги постигна додека служеше како заменик-министер за одбрана. Тој ќе биде одличен, напиша Трамп.

Министерот за одбрана, Џим Матис во писмената оставка до претседателот Трамп посочи дека се повлекува бидејќи неговите ставови и погледи не биле во согласност со оние на претседателот.

Матис беше гласен критичар на администрацијата на Обама и неговата политика кон Блискиот Исток, пред се кон Иран. Одлуката да се назначи Матис за министер за одбрана, Трамп ја објави во декември 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.