Норвешката разузнавачка служба ПСТ, задолжена за борба против тероризмот, објави дека го водат како чин на исламски тероризам пукањето во кое без убиени две лица, а кое се случи синоќа во геј бар во Осло.

Осомничениот е уапсен веднаш по нападот во кој две лица загинаа, а 21 се повредени. Тој има долга историја на насилство и закани, а ПСТ го следи од 2015 година поради „загриженост за негова радикализација“ и припадност „на мрежа на исламски тероризам“, кажа шефот на разузнавачката служба Рогер Берг на прес-конференција.

Полицијата претходно соопшти дека станува збор за 42-годишен државјанин на Норвешка со иранско потекло познат на полицијата, но за помали кривични дела. Според Берг, разузнавачките служби го испрашувале минатиот месец но оцениле дека нема насилни намери.

ПСТ е исто така запознаен со проблемите поврзани со неговото ментално здравје. Нападот се случи во ноќниот клуб Лондон паб во центарот на градот, а пукање имало и на други места во околина.

Граѓани кои се затекнале на местото на нападот помогнале во фаќањето на напаѓачот, за што полицијата им се заблагодари.

Полицијата го пребарала станот на напаѓачот, а запленети се две парчиња огнено оружје користени во нападот. Сè укажува дека напаѓачот дејствувал сам, кажа полицијата, а претходно бил повеќе месеци во затвор за кривични дела поврзани со дрога.

Разузнавачките служби поради нападот во Осло го кренаа нивото на терористичка закана во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.