Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одби директно да одговори на новинарско прашање дали претседателот Владимир Путин верува во неговото воено раководство, велејќи дека „специјалната операција“ ќе продолжи додека не ги постигне своите резултати.

„Воената операција продолжува“, рече Песков. „И ќе продолжи сѐ додека не се постигнат целите што ги поставивме на почетокот. Се разбира, врховниот командант е информиран за сите воени дејства што се спроведуваат“, рече Песков, мислејќи на Путин.

„Претседателот е постојано во контакт со министерот за одбрана и сите воени команданти. Не може да биде поинаку за време на специјална воена операција.“

Ова е реакцијата на Кремљ на минатонеделната молскавична украинска контраофанзива во која Киев за само неколку дена ослободи повеќе од 3.000 квадратни километри територија.

На прашањето дали Путин поради ова ќе нареди општа мобилизација, Песков рече дека прашањето треба да се постави до Министерството за одбрана.

Засега Путин не ги мобилизирал руските резервисти, кои се околу два милиони. Песков рече дека Русија не гледа никакви перспективи за мировни преговори со Украина, ниту основа за тоа.

Тој, исто така, рече дека нема дискусија за можна демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје, што беше препорачано од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која ја посети нуклеарната централа овој месец.

Брзите украински успеси во регионот Харков се најголемиот руски пораз по повлекувањето од предградијата на Киев во април. Русија останала без клучните логистички точки за снабдување на своите сили во источна Украина.

Речиси тоталниот молк на Москва за поразот и недостатокот на објаснување за тоа што се случи предизвика голем гнев кај некои провоени коментатори и руските националисти на социјалните мрежи.

Додека руските сили во саботата заминуваа од град по град, Путин го отвори најголемото панорамско тркало во московскиот парк, а по повод основањето на градот во 1147 година, имаше голем огномет над Црвениот плоштад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.