Невакцинираните шефови на држави кои неделава присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, најверојатно не ќе можат да одат на вечера во рестораните низ градот. Британските медиуми пренесуваат дека од овие причини, најверојатно, и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој не е вакциниран, на својата прва вечер во Њујорк вечераше само парче пица на улица.

Двајца министри од неговиот кабинет, кои се дел од бразилската делегација, објавија фотографија на која Болсонаро јаде парче пица со своите помошници.

Поддржувачите на Болсонаро го пофалија овој потег на претседателот како незадолжителна „едноставност“ на нивниот лидер, кој одлучил да вечера на улица, во близина на хотелот каде престојува на Менхетен.

Бразилскиот популистички лидер, кој пред да замине за Њујорк се пофали дека не е вакциниран, изјави дека неговиот имунолошки систем е доволно силен за да се одбрани од коронавирусот.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, апелираше до светските лидери да се вакцинираат пред да земат учество во дебатата на Генералното собрание на ОН.

Кабинетот на градоначалникот претходно изјави дека сите учесници во дебатата ќе мора да имаат доказ за вакцинација за да влезат во салата за дебати, која е класифицирана како конгресен центар. Бразилската мисија во ОН одби да ги коментира извештаите дека еден од нивните дипломати бил позитивен во Њујорк.

Портпаролот на ОН, Стефан Ѓујариќ, изјави дека за ова прашање тие биле во контакт со бразилската мисија. Болсонаро ќе биде првиот шеф на државата што ќе зборува денеска на генералната дебата на годишната сесија на Генералното собрание на ОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.