Полицијата во Лос Анџелес се обидела да активира неколку тони нелегален огномет, по што се случила силна експлозија во која се повредени повеќе од 17 лица, меѓу кои има и полицајци.

Девет полицајци и еден федерален агент од Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви се повредени во несреќата. Шест цивили се пренесени в болница, од кои тројца имаат сериозни, а тројца полесни повреди.

Според „ЛА Тајмс“, единицата за борба против експлозии на полицијата во Лос Анџелес се обидела на безбеден начин да ги детонира запленетите импровизирани експлозивни направи и неколку тони нелегален огномет, но обидот бил неуспешен.

Експлозијата одекнала во резиденцијален кварт, при што биле оштетени куќи и автомобили, а камионот во кој се наоѓал нелегалниот огномет е сериозно оштетен.

Началникот на полицијата во Лос Анџелес, Мишел Мур, на прес-конференција истакна дека полицајците пронашле неколку тони нелегален огномет и импровизирани експлозивни направи во една куќа.

Единицата за борба против експлозии потоа го преместила целиот запленет експлозив и огномет во железна комора во специјално возило наменето токму за транспорт на ваков материјал.

Полицијата го активирала нелегалниот огномет верувајќи дека комората и возилото ќе можат да ја спречат експлозијата, но „се случил катастрофален неуспех“.

Сè беше спроведено според протоколи за вакви ситуации, но очигледно се случи нешто во возилото што не требаше да се случи. Не знаеме зошто, но ќе дознаеме – објасни Мур.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.