Повлекувајќи се во опозиција Нетанјаху (71), најдоминантниот израелски политичар од неговата генерација, вети дека наскоро ќе се врати на власт.

На бучната седница на која десничарските и ултраортодоксни приврзаници на Нетанјаху му порачаа на Бенет дека треба да се „срами“ и дека е „лажго“, парламентот изгласа доверба за неговата нова влада со исклучително тесно мнозинство од 60 гласа спрема 59.

Поранешниот министер за одбрана и милионер од хај-тек секторот Бенет (49) наскоро ќе положи заклетва.

Неговата коалиција вклучува, за прв пат во израелската историја, партија што претставува 21 процент арапско малцинство.

Бидејќи имаат малку заедничко, освен желбата да се стави крај на ерата на Нетанјаху и политичката блокада што доведе до четири нерешени избори за две години, коалицијата на левичарски, центристички, десничарски и арапски партии веројатно ќе биде кревка.

Израелскиот лидер со најдолг стаж, Нетанјаху, беше премиер од 2009 година, по неговиот прв мандат од 1996 до 1999 година.

Ослабна поради неуспехот да оствари сигурна победа на изборите во 2019 година и судењето за корупција кое сè уште трае.

Според коалицискиот договор, Бенет ќе биде заменет како премиер во 2023 година со центристот Јаир Лапид (57).

Новата влада, формирана по нерешените избори на 23 мај, планира да избегне далекусежни потези околу жешки меѓународни прашања, како што е политиката кон Палестинците и да се фокусира на домашни реформи.

Палестинците очекуваат Бенет да продолжи со истата десничарска програма како и Нетанјаху.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.