Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска нагласи дека не планира да попушти во нападите против Хамас, најмоќната милитантна група во Газа, откако имаше силното бомбардирање насочено кон исламистите во палестинската енклава.

– Тие го нападнаа нашиот главен град, истрелаа ракети кон нашите градови. Тие плаќаат и ќе плаќаат скапо за тоа. Сè уште не е завршен конфликтот – изјави израелскиот премиер по безбедносните консултации во воениот штаб во Тел Авив.

Веќе петти ден траат оружените дејства на Блискиот Исток, без знаци за смирување. Нетанјаху и вчера изјави дека воената кампања ќе трае долго откако и претходно пораките од израелските власти беа дека над Хамас мора да му се зададе силен удар пред каков било прекин на огнот.

Според вчерашните податоци од палестинската страна, пак, во појасот Газа бројот на загинати Палестинци во судирите со израелската армија е 103, од кои 27 деца, а 530 се повредени.

Според првичните процени, во некои случаи биле убиени цели семејства. Израел, пак, тврди дека повеќето убиени во Газа се членови на екстремистички организации и дека имало и жртви во експлозијата на ракетите на Хамас што паднале на палестинска територија.

Синоќа по полноќ, израелските власти пуштија информација и дека нивните копнени сили влегле во палестинската енклава, но утрово си ги демантираа информациите. Војската излезе со „појаснување“ дека нема војници во Газа, а армискиот портпарол рече дека станува збор за погрешно разбрана внатрешна комуникација за да ја објасни ситуацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.