Еден ден откако силите на воената хунта во Мјанмар убија стотина демонсѕранти, продолжија протестите во оваа азиска земја.

Вчерашниот ден беше најкрвавиот од почетокот на масоввните протести што почнаа на 1 февруари, а беа инспирирани од извршен воен удар, кога беа уапсени членови на Владата.

Протести се одржуваат низ целата земја, а безбедносните сили во некои места употребија сила.

За време на вчерашните протести загинаа 114 луѓе, меѓу кои и неколку деца, со што вкупниот број на жртви се искачи на 420.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди насилството на протестите, што доведува до голем број жртви. Тој истакна дека е шокиран од убиствата и дека воената репресија е неприфатлива. Гутереш побара „цврст, единствен и одлучен меѓународен одговор“.

Остра реакција стигна и од американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, кој порача дека Вашингтон е „вџашен од крвопролевањето“ и оти тоа „покажува дека воената хунта ги жртвува животите на луѓето за да им служи само на мал број луѓе“.

Употребата на сила против невооружени луѓе, во заедничка изјава ја осудија и началниците на Генералштабовите на 12 држави, меѓу кои на САД, на Велика Британија и на Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.