Велика Британија соопшти дека и покрај застојот на товарниот сообраќај поради блокираните граници, во земјата има храна во изобилство и затоа луѓето не треба да се грижат за евентуален недостиг на намирници во продавниците пред божиќните и новогодишните празници.

Двата најголеми ланци на супермаркети „Теско“ и „Сајнсбери“ вчера предупредија дека полиците може да останат празни доколку наскоро не се воспостави товарниот сообраќај на една од најважните трговски рути во Европа.

Повеќе од 40 земји привремено ги затворија границите за стоки и за патници од Велика Британија, откажувајќи ги летовите од земјата поради брзото ширење на новата мутација на корона вирус.

Не сметам дека некој треба да биде загрижен. Во нашите продавници има изобилство храна – изјави министерката за внатрешни работи, Прити Пател.

Поради строгите рестриктивни мерки поврзани со пандемијата на Ковид-19, особено со затворањето на угостителството, британските супермаркети бележат рекордна побарувачка пред Божиќ и се стравува од панично прекумерно купување на производи.

Граничните премини треба да бидат отворени од утре за да бидете сигурни дека нема нарушување на товарниот сообраќај. Во спротивно може да дојде до недостиг на салати, зеленчук и овошје – изјави Ендру Опи, директор за храна и одржливост на британскиот малопродажен конзорциум (БРЦ).

Иако денеска се формираат долги редици пред супермаркетите низ цела Велика Британија, продавачите тврдат дека не гледаат никаква промена во навиките на клиентите и оти треба да се има предвид дека ова се најпрометните денови за купување.

Исто така, поради протоколите за заштита од Ковид-19, во супермаркетите веќе не може да има неограничен број купувачи како порано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.