Шведска, која за време на пандемијата ја избегнуваше мерката за заклучување, ќе го одложи импровизираниот план за ублажување на некои ограничувачки мерки поради високото ниво на новозаразени.

Шведска е во третиот бран од епидемијата на корона вирусот, а бројот на пациенти кои се лекуваат во одделите за интензивна нега е на највисоко ниво од пролетта минатата година.

Откако ќе се намали притисокот врз здравствениот систем и ќе падне нивото на новозаразени, тогаш Владата ќе биде подготвена да почне со укинување на ограничувањата – изјави шведскиот премиер Стефан Левен на прес-конференција, додавајќи дека сè уште не е стигнати до таму.

Во споредба со повеќето земји, Шведска остана релативно отворена за време на пандемијата, но постојат ограничувања за јавни собири и работното време на рестораните, а некои објекти како што се отворени базени и спортски стадиони се затворени.

Шведската Влада предупреди дека ќе воведе и нови, построги ограничувања доколку луѓето одлучат да ги игнорираат постојните ограничувања во борбата против корона вирусот и се зголеми притисокот врз здравствениот систем.

Скандинавската земја, која се потпира на доброволно почитување на рестриктивните мерки од страна на граѓаните, регистрира голем број нови пациенти во одделите за интензивна нега од почетокот на епидемијата.

Во некои региони, одделите за интензивна нега се полни, а процентот на достапни кревети за најсериозно болни во целата земја е под 20 проценти.

Стапката на инфекции не паѓа сама од себе – предупреди министерката за здравство и социјални работи Лена Халенгрен.

Таа ја истакна потребата од усогласување со постојните правила и препораки, но не исклучи построги мерки доколку ситуацијата се влоши. Министерката не појасни какви чекори може да се преземат и што може да предизвика воведување построги ограничувања.

Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести покажуваат дека Шведска е меѓу земјите со најголем број нови случаи по глава на жител во ЕУ во последните 14 дена, но меѓу земјите со најмала смртност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.