Во пресрет на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) денеска го промовираше Извештајот на тема „Трговија со луѓе и криумчарење на мигранти во Северна Македонија”, кој има за цел да ја запознае јавноста со ризиците и проблемите со кои се соочуваат бегалците и мигрантите, нивната ранливост, неопходноста од поангажиран пристап на институциите и општеството во целина.

Еден од заклучоците нотирани во извештајот упатува на постоењето на подобрени капацитети на институциите за справување со криумчарењето на мигранти и трговија со луѓе, но во исто време и на недостаток на стратешки мерки кои ќе осигураат одржлив одговор на предизвиците.

Според извештајот, неопходно е да се обезбеди континуирано јакнење на капацитетите за справување со криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе, вклучително и прилагодување на капацитетите и инфраструктурата кои беа изградени во текот на мигрантската криза кон новонастанатите услови.

Во оваа насока, како што се додава во извештајот, потребно е да продолжат и да се интензивираат активностите насочени кон превенирање на ризиците нерегуларните мигранти да станат жртви на трговија со луѓе, како и да се обезбедат соодветни капацитети за прием и сместување на (потенцијалните) жртви на трговија со луѓе.

Извештајот дава препорака враќањето на странците да се врши во постапка утврдена со закон и согласно склучените договори за реадмисија, во која на странците ќе им биде овозможен пристап до правна помош и правни лекови. Овозможувањето на возрасните жртви на трговија со луѓе да го остварат правото на надомест на штета кое им следува како на жртви на кривично дело и основањето посебен фонд за оваа намена е исто така еден од неодложните чекори кои мора да се преземат.

Овој документ е дел од активностите кои Македонското здружение на млади правници ги спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.