Продолжуваат борбите долж линијата на фронтот во Нагорно Карабах.

Иако Ерменија и Азербејџан во саботата постигнаа втор договор за прекин на огнот, што стапи на сила на полноќ по локално време, оттогаш и двете страни ја обвинуваат другата за за кршење на примирјето, што доведе до нови судири.

Непријателот ги гранатираше одбрамбените позиции на азербејџанската војска со минофрлачи и топови – соопштија од министерството за одбрана на Азарбејџан.

Воените дејствија ги потврди и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, кој изјави дека Азербејџан претрпел големи загуби за време на борбите во Нагорно Карабах и дека сега е принуден да ги користи своите последни резерви на бојното поле.

Ситуацијата на фронтот е доста тешка. Борбите продолжуваат низ целиот југ на Арках (Карабах). Тука постои една важна нијанса – нашите согледувања покажуваат дека непријателот ги употребува последните резерви во борбата. Да, противниците имаат големи ресурси. Но, нашите војници-херои им нанеле неверојатно големи загуби на азербејџанските вооружени сили – изјави Пашинјан.

Во исто време, Министерството за надворешни работи на непризнатата република Нагорно Карабах објави дека вооружените сили на Азербејџан пукале во неколку населени места во Карабах.

Населените места во регионите Мартунин и Мартакерт во Арках повторно беа на удар на 21 октомври. Азербејџанските вооружени сили отворија артилериски оган кон градот Мартуни и селото Гергер, како резултат на што цивилното население претрпе материјална штета – соопштија од Министерството за надворешни работи на Нагорно Карабах.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.