Приходите на најпознатите хотели на поранешниот американски претседател Доналд Трамп паднале минатата година, кога пандемијата на ковид-19 силно ја погоди економијата, покажува финансискиот извештај објавен во средата, последниот ден од неговиот мандат.

Трамп интернешнал хотел во Вашингтон заработил 15,1 милион долари во 2020 и во првите три недели од 2021, покажува извештајот на Трамп. Тоа е 62,7 отсто помалку од 2019.

Слично е и со недвижностите на Трамп во Лас Вегас чиј приход падна за 60,5 отсто на 9,2 милиони и со неговото голф-игралиште на Флорида, Трамп нешнал дорал, чии приходи се 42,7 отсто помали и изнесуваат 44,2 милиони долари.

Ретка светла точка е клубот Мар-а-Лаго во Палм Бич на Флорида, каде што ќе живее откако замина од Вашингтон. Приходите на тој компелкс, во кој Трамп повремено ги примаше политичките сојузници и странски гости, скокнаа минатата година за 13 отсто на 24,2 милиони долари.

Редовниот финансиски извештај кој Трамп мораше да го пополни нуди еден од најцелосните увиди во финансиите на милијардерот кој упорно одбива да ги објави своите даночни пријави, и покрај тоа што тоа беше вообичаена пракса на претходните претседатели.

Во извештајот на 79 страници наведени се детали од уделот во компаниите до тоа колку пари примил како член на актерскиот синдикат, здружението на филмските и телевизиски работници и изведувачи. Тој ги вклучува и подароците кои Трамп ги добил како претседател, меѓу нив и појасот од УФЦ вреден 650 долари кој го доби од Колби Ковингтон, поддржувач на Трамп.

Извештајот ги содржи и обврските на компаниите на Трамп, вклучувајќи ги петте кредити од кои секој е вреден најмалку 50 милиони долари. Повеќето од нив доспеваат во следните четири години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.