Германија ќе започне билатерални преговори со Русија во врска со вакцината „Спутник V“ против Ковид-19, пренесе Ројтерс повикувајќи се на неименуван извор, а конечниот договор наводно зависи од тоа дали Русија ќе обезбеди клучни податоци на Европската агенција за лекови (ЕМА).

Европската комисија им соопшти на министрите за здравство на ЕУ дека Брисел не планира да започне разговори со Русија за прелиминарниот договор за „Спутник V“, како што тоа го стори со другите доставувачи на вакцини, изјави извор за Ројтерс.

Затоа германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, за време на виртуелниот состанок објави дека Германија ќе започне прелиминарни преговори со Русија за билатерален договор за обезбедување на вакцината, додаде изворот.

Според него, во прелиминарните разговори, Германија најпрво сака да утврди кои количини и кога Русија може да испорача.

Во секој случај, Германија ќе ја купи руската вакцина само откако ќе биде одобрена од ЕМА, а најважно за тоа е Русија да ги обезбеди потребните податоци, додаде изворот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.