Рускиот опозиционер, Алексеј Навални, кој се опоравува во Германија побара од руските истражители да му ја вратат облека, која, според него, е клучен доказ во случајот.

Во објава на неговата веб-страница, Навални наведе дека истекол рокот од 30 дена на полицијата да ја спроведе „предистражната проверка“ на, како што вели, обидот за убиство со труење и дека сега има право да си ги врати предметите.

Навални сериозно се разболе за време на лет од сибирскиот град Томск каде вршеше истрага за државна корупција. Авионот принудно слета во Омск од каде Навални беше префрлен во болница. Два дена подоцна опозицискиот активист беше пренесен со хеликоптер во Германија, каде што лекарите потврдија дека бил отруен со Новичок, нервен агенс од времето на Советскиот Сојуз.

Германските лекари соопштија дека Новичок е пронајден и во неговото тело и на кожата.

Пред да ми дозволат да ме одведат во Германија, целата облека ми беше земена и ме испратија потполно гол. Со оглед на фактот дека Новичок беше пронајден на моето тело и дека многу веројатно бев заразен преку контакт, мојата облека е многу важен доказ – вели Навални во објавата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.