НАТО ги отфрли обвинувањата на белорускиот претседател Александар Лукашенко за спроведување воени вежби долж западните граници на земјата во Полска и Литванија и соопшти дека внимателно ја следат ситуацијата по спорните избори во Белорусија.

Претходно Лукашенко изјави дека тенкови и авиони на НАТО биле распоредени на само 15 минути од белоруската граница.

Портпаролката на НАТО, Јоана Лунгеску соопшти дека не се спроведуваат воени вежби во регионот.

Мултинационалното присуство на НАТО во источните членки на Алијансата не претставува закана за ниту една земја. Тоа е строго дефанзивно присуство, чија цел е да ги спречи конфликтите и да го зачува мирот – изјави Лунгеску.

Таа додаде дека НАТО внимателно го следи развојот на ситуацијата во Белорусија, земја каде што се одржуваат насилни протести по изборите на 9 август, за кои противниците на Лукашенко велат дека биле „лажирани“. Лунгеску повика на почитување на основните слободи, вклучително и правото на мирен протест.

Кремљ претходно соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин му кажал на Лукашенко дека Москва е подготвена да и помогне на Белорусија во согласност со воениот договор, доколку е потребно и дека земјата е под притисок однадвор.

Западните соседи на Белорусија, Полска, Литванија и Летонија се членки на НАТО.

Алијансата испрати четири борбени бригади во тие три земји и во Естонија за да спречи потенцијални руски упади, откако Москва го анектираше Крим во 2014 година.

Бригадите предводени од Велика Британија, Канада, Германија и САД имаат околу 5.000 војници.

Полска вчера потпиша заеднички договор за одбрана за време на посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на земјата, според кој САД ќе го зголемат бројот на своите трупи во Полска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.