Шефовите на дипломатиите на 30-те земји членки на НАТО денеска потврдија дека фокусот на натамошното дејствување на Алијансата ќе биде безбедната евакуација на нивните и на државјаните на Авганистан од Кабул и ги повикаа талибанците, кои ја формираа новата власт, да се борат против тероризмот.

По денешниот онлајн состанок на министрите за надворешни работи, свикан заради ситуацијата во Авганистан, НАТО преку соопштение ги повика новите талибански власти да се погрижат оваа земја да не стане центар на тероризмот.

Секоја идна авганистанска влада мора да се придржува до меѓународните обврски на Авганистан и да осигура дека земјата никогаш повеќе нема да служи како безбедно засолниште за терористите, се наведува во соопштението на Алијансата.

Некои од земјите-членки денеска ги повикаа САД да го обезбедат аеродромот во Кабул колку што е потребно, дури и по евакуацијата на сите американски државјани, бидејќи многу сојузнички земји испраќаат свои авиони за да извлечат што повеќе луѓето оттаму.

Во заедничкото соопштение членките наведоа дека додека траат операциите за евакуација, тие ќе одржуваат тесна оперативна воена соработка на аеродромот во Кабул.

Наша непосредна задача сега е да ја исполниме својата обврска и да продолжиме со безбедната евакуација на нашите граѓани, државјани на партнерските земји и ранливите групи Авганистанци, особено оние кои помогнаа во нашите напори, се додава во соопштението на НАТО.

НАТО ги водеше меѓународните безбедносни операции во Авганистан од 2003 година, но ги заврши борбените операции во 2014 година и се фокусираше на обука на националните безбедносни сили на земјата од 300.000 луѓе, кои за само неколку дена беа поразени во талибанската офанзива од минатата недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.