Во време на руската воена операција во Украина, Северноатлантската алијанса значително ја зголеми својата борбена ефикасност на источните граници со Русија. Покрај копнените и поморските сили, зголемена е и воздушната компонента на НАТО, со посебен акцент на членките кои директно граничат со Русија и Украина.

Покрај борбената компонента, НАТО посебен акцент стави на платформите за извидување и набљудување кои летаат секој ден по 24 часа, набљудувајќи ја украинската граница, но и држејќи го Балтикот под контрола.

Како што информираат од оваа воена организација, секојдневно во воздухот има и по 30 борбени и извидувачки авиони, како и помошни авиони на небото. Освен од копнени бази, ангажирани се и авиони од носачи на авиони од дури три земји (САД, Франција и Италија), од нуклеарни до оние со конвенционален погон.

Дел од извидувачките авиони на нивните мисии над Источна Европа полетуваат од базата Ферфорд во Велика Британија, која ја користат и британските и американските воздухопловни сили.

На крајниот исток од Европа, особено од почетокот на војната во Украина, воздушната компонента е зајакната, пред се во Романија, која граничи со Украина и соседна Молдавија и Црното Море, додека во Бугарија авионите на Алијансата заедно со бугарската авијација вршат контрола на брегот на Црното Море.

Сите операции ги изведува и контролира Центарот за воздушни операции во Уедем во Германија.

На Балтикот, воздушниот простор на Естонија го чуваат белгиските и француските воздухопловни сили со авиони Ф-16, Мираж и Рафал. Воздушниот простор на Летонија и Литванија го обезбедуваат воздухопловните сили на Шпанија, Чешка и Полска со борбени авиони Ф-18, Еурофајтер Тајфун 2000, ЈАС-39 Грипен и Ф-16. Покрај полските ловци Ф-16, во воздушниот простор на Полска има и американски ловци Ф-35, Ф-15 и Ф-16, како и извидувачки борбени платформи придружени со авионски танкери KЦ 135 Р и KЦ 10.

Воздушниот простор на Унгарија и Словачка го контролираат борбени авиони на тие две земји, МиГ-29 СД и Јас-39 Грипен Ц.

За контрола и надзор на романскиот воздушен простор, освен романските воздухопловни сили со нивните ловци Ф-16 за патроли долж границата со Украина и Молдавија, ангажирани се и американските, британските и италијанските воздухопловни сили со Ф-35, Ф-15, Ф-16, како и борбени авиони Еурофајтер Тајфун 2000, кои подеднакво ги користат италијанската и британската авијација, а неодамна им се придружи и Португалија.

Во Бугарија, покрај нивното воздухопловство, кое поседува ловци МиГ-29, ангажирани се и холандски борбени авиони Ф-35.

НАТО детално ги наведе и сите типови авиони што ги користи воено-политичката алијанса за патролирање во Источна Европа.

Според последните информации, НАТО ангажирал вкупно 130 различни авиони во Источна Европа, чија цел, како што наведуваат од Алијансата, е да ја одвратат Русија од „зли мерки“, како и да ги заштитат сојузниците и членовите на Алијансата кои директно се граничат со Русија или се во близина на големи руски воени капацитети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.