Грузиската полиција со насилен упад во седиштето на главната опозициска партија „Обединето национално движење“ го уапси лидерот на партијата Ника Мелија.

Опозицискиот лидер беше изнесен од партиските простории и приведен.

Грузија се наоѓа во сериозна политичка криза од завршувањето на парламентарните избори минатата година.

Стотици полицајци во опрема за сузбивање немири употребија солзавец против неговите приврзаници и лидерите на сите опозициски партии, кои од минатата среда се собрани пред зградата, а притоа приведоа уште десетици други приврзаници на опозицијата.

Полициската акција следуваше по минатонеделната оставка на премиерот Гиорги Гакарија. Како причина за неговата оставка тој ги наведе несогласувањата во владеачката партија околу примената на судската наредба за апсење на опозицискиот лидер Мелија.

Опозиционерот Мелија беше обвинет за поттикнување насилство на уличните протести во јуни 2019 година, а тој го отфрли обвинението како политички мотивирано.

Судот во Тбилиси минатата недела нареди негово апсење, бидејќи тој, наводно, не платил кауција.

Министерството за внатрешни работи тогаш соопшти дека го одложува извршувањето на наредбата за апсење на Мелија по оставката на премиерот Гиорги Гакарија.

Упадот во просториите на опозициската партија предизвика гнев во здружената опозиција и предупредувања од грузиските западни советници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.