Најмалку осум лица загинаа во напад врз домот на авганистанскиот министер за одбрана во Кабул, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Најмалку 20 лица се повредени откако доцна синоќа возило наполнето со експлозив е детонирано во близина на куќата на министерот во градската област Ширпур.

Пет напаѓачи влегле во станбените згради по нападот и се судриле со авганистанските специјалци. Нападот завршил околу пет часа подоцна, откако специјалци ги убиле сите напаѓачи, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи Мирвајс Станекзаи.

Бројот на жртвите може да подлежи на мали промени бидејќи истражните тимови сè уште се на местото на нападот, додаде Станекзаи.

Неколку часа по нападот, вршител на должноста министер за одбрана Бисмилах Мохамади објави видео на социјалните медиуми велејќи дека неговиот дом бил цел на терористички напад, но дека тој е на безбедно со своето семејство.

Талибанците во меѓувреме ја преземаа одговорноста за бомбашкиот напад во Кабул и предупредија дека ќе извршат нови напади врз високи претставници на авганистанската влада.

Во нападот, според портпаролот на талибанците, биле вклучени неколку напаѓачи кои дејствувале по експлозијата на автомобилот-бомба, и бил преземен како одмазда на владините службеници за кои талибанците тврдат дека издале наредби за напад врз цивили и ги принудиле да ги напуштат своите домови во различни покраини.

До овој напад во главниот град Кабул владеело релативно затишје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.