За време на протести во Брисел поради смртта на младо момче од африканско потекло, кое починало во притвор, избија жестоки судири помеѓу демонстрантите и полицијата. Запалена е полициска станица, а уапсени се над 70 демонстранти.

По мирните протести, синоќа дошло до нереди кога група демонстранти со различни предмети и петарди ја нападнале полицијата, која, пак, употребила водени топови за да ги растера.

На социјалните мрежи се појавија голем број видеа од немирите, а на едно од нив се гледа дека демонстрантите со камења фрлале и кон возилото на белгискиот крал Филип, но засега не е познато дали тој бил во автомобилот.

Протестите се случија откако едно момче по име Ибрахим почина во полициски притвор. Тој наводно се обидел да избега додека полицијата легитимирала група луѓе затоа што не се придржувале до мерките воведени поради епидемијата на корона вирусот.

Како што објави АФП, повикувајќи се на обвинителството во Брисел, покрената е истрага за околностите на смртта на младиот човек.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.