Телевизиската куќа „Би-Би-Си“ добила преку 100.000 жалби од гледачите за постапките на телевизијата околу известувањето по повод смртта на принцот Филип, војводата од Единбург.

Корпорацијата во петокот веднаш го расчисти дневниот програмски распоред откако беше објавена веста дека принцот Филип починал на 99-годишна возраст.

Притоа, сапунската серија „Истендерс“ и финалето на натпреварувачкото шоу „Мастер Шеф“ (MasterChef) беа заменети со вести, додека програмата на каналот „Би-Би-Си 4“ (што емитува филмски, музички, документарни и забавни содржини) беше целосно прекината.

„Би-Би-Си“ одби да го потврди бројот на поплаки што ги добил, а деталите за поплаките официјално ќе бидат објавени во четврток. Бројките треба да бидат вклучени во двонеделниот билтен на радиодифузерот за добиени жалби.

Бројка од 100.000 поплаки за известувањето за смртта на принцот Филип може програмската шема на „Би-Би-Си“ да ја претвори во програма со најмногу поплаки во историјата на куќата.

„Би-Би-Си“ не е единствениот медиум што ја прилагоди својата програма за соодветно покривање на смртта на принцот Филип – бидејќи и „ИТВ“ и „Канал 4“ емитуваа дополнителни вести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.