Во анализата „Доза на реалноста: Како богатите земји и фармацевтските компании ги кршат ветувањата за вакцините“ на Сојузот за народни вакцини се наведува дека до најсиромашните држави се доставени 261 милиони вакцини против Ковид-19, што е само 14 проценти од 1,8 милијарди дози, колку што ветија богатите земји.

Речиси една година од кога вакцината е достапна, во најсиромашните делови од светот комплетно со две дози се вакцинирани 1,3 проценти од населението – се посочува во анализата.

Најмногу дози обезбедиле САД, речиси 177 милиони, но тоа е само 16 од 1,1 милијарди колку што ветија, додека Јапонија испорача една третина од ветените дози односно 18,9 милиони. ЕУ, Исланд и Норвешка најавија 500 милиони дози, а испорачале 52 милиони.

Велика Британија вети дека ќе донира 100 милиони дози за сиромашните земји, но досега достави помалку од 10 проценти односно 9,6 милиони, а Канада испорача 3,2 милиони односно осум проценти од ветените 40 милиони дози.

Во анализата се наведува дека ветувањето не го одржале ни фармацевтските компании. „Џонсон и Џонсон“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Фајзер-Бионтек“ ветија 994 милиони дози за меѓународната програма за дистрибуција на вакцини КОВАКС, но досега обезбедиле само 120 милиони, што е 15 пати помалку од 1,8 милијарди дози доставени до богатите земји. „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“ се уште немаат испорачано ниту една доза за КОВАКС.

Сојузот за народни вакцини предупредува дека годинава најмалку 100 милиони дози вакцини би можеле да останат неискористени и да пропаднат поради на рокот на траење, а бројката до средина на 2022 година би можела да се искачи на 800 милиони.

Сојузот за народни вакцини е меѓународна коалиција составена од повеќе од 50 организации, меѓу кои и Оксфам, Екшн Ејд, Амнести интернешенел, Афиркаски сојуз и УНАИДС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.